Шест сличности меѓу јоокаи и филмовите на Студио Гибли

Како страстен љубител и познавач на опусот на Студио Гибли наоѓам сличности со нивните филмови речиси насекаде. Неодамна на изложба за јоокаи.

Eliza A.
7 min readAug 10, 2022

Јоокаи се вид натприродни суштества кои талкаат во царството на духови во јапонскиот фолклор. Изложбата насловена Јоокаи: натприродни чудовишта од Јапонија, организирана од страна на јапонската фондација, ни ги представува овие необични суштества преку разновидни ракотворби, како графики нишики-е, свитоци со слики емаки, скулптури, играчки, филмови итн.

Покрај хармоничните и суптилни палети на бои, необичната бујна фантазија на древниот уметник, неговата вештина видлива во секој потег на четката, она што ми остави посебен впечаток беа сликите што излгедаа како сцена од филм на Студио Гибли. Подолу се наведени сличностите што ги забележав.

1. Свиток со слики од Планината Оое и Принцезата Мононоке
Прв на листата е свитокот со слики од планината Оое на кој е илустрирана херојската приказна за смелиот самурај Минамото но Јоримицу, кој, според легендата, го погубил митскиот они т.е. лидер на демоните во Јапонија — Шутен-дооџи. Иако отсечена, главата на демонот успеала да го загриза херојот, кој останал жив благодарение на самурајскиот оклоп.

Демонот Шутен-дооџи го гризе својот обезглавувач. Извор: Јапонската фондација

Во Принцезата Мононоке, во неколку наврати Лејди Ебоши ги предупредува своите подредени дека еден куршум не ќе е доволен да се убие божицата на волците: „Иако одсечена, волчјата глава сè уште може да гризе“. Не земајќи ги во предвид предупредувањата на Ашитака и неговиот обид да ја спречи да убие уште едно божество, Ебоши успева да го погуби Духот на Шумата. Меѓутоа, оваа нејзнина победа е краткотрајна, бидејќи набргу таа бидува казнета, кога отсечената глава на волчјото божество, Моро, ѝ ја одгризува десната рака: „Главата на Моро се помрдна сама од себе“. Изгледа дека Ебоши си ја навести сопствената несреќа.

Отсечената глава на божицата на волците Моро откако ја осакати Ебоши. © Студио Гибли

2. Ноќна парада на сто демони и Подвижниот замок на Хаул
Тука станува збор повеќе за визуелна отколку содржинска сличност. Големоглавите Тенгу и куртизана, кои на сликата се возат во двоколката, ме веднаш потсетија на непропорционално големата глава на Вештерката од пустелијата, која слично ѕирка од својата носилка, носена од нејзините верни слуги.

Тенгу и куртизана се возат во двоколка влечена од крастава жаба. Извор: Јапонската фондација
Вештерката од пустелијата ѕирка од својата носилка. © Студио Гибли

3. Нуе и Духот на Шумата од Принцезата Мононоке
Ако сте имале шанса да ја прелистате книгата The Art of Princess Mononoke, можеби знаете дека Духот на Шумата (Шишигами) не секогаш ги имал истите таинствена насмевка и продорен поглед, кои изгледаат љубезно и свирепо истовремено. Во раните фази на неговиот развој, неговото лице наликувало повеќе на човечкото и затоа тој изгледал доста понеобично. Иако на прв поглед личи на елен, Духот на Шумата е всушност комбинација од неколку животни. Оваа блог објава ги наведува следниве: црвено лице на јапонски макак украсено со сини шари, очи и нос на мачка, уши на коза, големо тело на дива свиња, крзно на јапонска коза — серау, и опашка на куче.

Духот на Шумата со гранче од дрвото шинто © Студио Гибли

На сличен начин и Нуе, митски јоокаи или мононоке, во Приказната за Хејке, е опишан како суштество со глава на мајмун, нозе на тигар, тело на куче, и змија како опашка. Во други записи е прикажан со грб на тигар, нозе на јапонски ракун, тануки, опашка на лисица, глава на мачка и торзо на кокошка.

Други извори велат дека Нуе има способност да се преобразува, често во форма на црн облак што лебди. Слично како Духот на Шумата кој приквечерина се трансформира во џиновскиот Даидаработчи.

Уште една сличност што вреди да се спомене е дека и во двата случаи митското суштество бидува убиено посредно од страна на јапонскиот император. Главата на Духот на Шумата, за која се верува дека дава бесмртност, Лејди Ебоши намерава да ја даде на императорот, кој во замена ѝ ветува дека ќе ја брани од алчниот даимјоо Асано. Во Приказната за Хејке самурајот Минамото но Јоримаса го убива Нуе, бидејќи самото негово постоење предизвикува страв кај императорот, кој се разболува и не може да оздрави.

Минамото но Јоримаса го поразува митскиот ѕвер Нуе. Извор: Јапонската фондација

4. Палатата за миење нозе и Авантурите на малечката Чихиро
Оваа графика нишики-е прикажува чудовиште во форма на човечка нога кое се спушта од таванот и бара да го измијат. Оваа сказна е една од седумте приказни во познатата збирка Седумте чуда од Хонџо и раскажува како: Во текот на денот додека цвеќињата спијат и растението ушимицу цути, во куќата ќе навлезе одвратна, гнила смрдеа, а од таванот со гласен тресок ќе се спушти џиновска влакнеста нога. Ако биде измиена, истата задоволна наскоро ќе се врати на таванот. Ако пак не, таа ќе почне да беснее наоколу сè додека не биде задоволена.

Големата јоокаи нога се симнува од таванот. Извор: Јапонската фондација

Дејствието на Авантурите на малечката Чихиро се одвива во јавна бања за богови и духови — ками, чиј сопственик е алчната вештерка Јубаба. Повеќето од овие ками редовно ја посетуваат бањата и се грижат за својата лична хигиена, за разлка од еден недобредојден, смрдлив гостин кој влегува непоканет и предизвикува хаос во бањата. Тој смрди толку непријатно што сите вработени неуспешно се обидуваат да му го препречат влезот. Евентуално сфаќаат дека тој е безопасен, но само откако малечката Чихиро успева да го исчисти и ослободи од човешката загаденост.

Ками се капе во јавната бања на Јубаба. © Студио Гибли

5. Цучигумо и Татаригами од Принцезата Мононоке
Цучигумо, што буквално значи калнив или копен пајак, е понижувачки израз за староседелните племиња на јапонскиот архипелаг кои не сакале да се потчинат на императорот во древна Јапонија. Цучигумо е исто така и име на раса јоокаи во формата на џиновски пајаци.

Од јапонскиот среден век наваму (доцниот 12-ти до почетокот на 17-тиот век), овие бунтовнички кланови, т.е. Цучигумо, се прикажувани како џиновски, монструозни пајаци. Во Приказната за Хајке, самурајот Минамото но Јоримицу, член на еден од владеачки кланови, е прикажан како херојски го поразува огромниот пајак јоокаи познат како Цучигумо — што е всушност метафора за тоа како успева на ги истреби своите противници.

Самурајот Минамото но Јоримицу ги победува противничките кланови Цучигумо. Извор: Јапонската фондација

Татаригами (т.е. „проколнат бог“) е џиновското суштество што го напаѓа селото Емиши и го проколнува неговиот последен принц, главниот јунак на филмот Принцезата Мононоке — Ашитака. Чудовиштето по својот изглед на џиновски пајак потсеќа на гореспоменатиот Цучигумо, а зад таа форма се всушност крие колосалниот бог вепар Наго. Тој е првиот бог застрелен од страна на Лејди Ебоши користејќи ги тогаш новоразвиените рачни топови. Железото во телото на вепарот му причинува голема болка, што само ги засилува неговиот гнев и омраза кон луѓето. Заслепен од желбата по одмазда тој оди далеку на исток каде што наместо Лејди Ебоши, го казнува загрозеното домородно племе Емиши. Додека се обидува да го заштити своето село, принцот Ашитака го убива демонот, но за жал проклетството паѓа на него поради што Ашитака мора да го напушти својот дом.

Племето Емиши од кое потекнува главниот јунак е едно од гореспомнатите одметнички кланови кое повеќе од 500 години се бори против јапонскиот император — Јамато. Со години губат од него поради што се приморани да се селат на исток, а сега кога нивниот последен принц е проколнат на смрт изгледа дека и ним не им преостанува ништо друго. Без Ашитака тие се оставени без лидер и изгубени.

Татаригами зема залет да го нападне селото на племето Емиши © Студио Гибли

Како што самурајот Минамото но Јоримицу ги истребил противничките кланови, така и Ашитака, на некој начин, убивајќи го Татаригами го убива овој одметнички клан Цучигумо), т.е. својот сопствен народ Емиши.

6. Персонифицирана ротквица дајкон и Оширасама од Авантурите на малечката Чихиро
Според јапонските анимистички верувања ками духови живеат насекаде околу нас, во сите живи и неживи нешта, вклучувајќи ги и природните феномени и предмети. Ками и јоокаи живеат во подрачјето на духовите, а по надворешен изглед можат да бидат луѓе, животни, растенија, природни феномени или артефакти. Пример е оваа ротквица дајкон (можете ли да ја видете на сликата долу?) што се појавува на играчки омоча-е направени за забава на деца уште во далечната ера Меиџи (1868–1912).

Играчка омоча-е со тематика јоокаи. Извор: Јапонската фондација

Коренести зеленчуци како ротквици и моркови често стануваат нтернет сензација поради деформациите кои им се случуваат од време на време. Сигурно сте и вие некаде виделе морков со нозе. Ваквите искривени зеленчуци можеби во минатото се налутиле некој земјоделец, кој наместо да ги направи туршија ги е фрлил во ѓубрето. Слична судбина ги снашла и предметите на куќа обземена од духови. Додека злите духови биле истерувани од куќата, овие предмети биле исфрлени. Се навредиле, претвориле во јоокаи т.н. Цукумогами и почнале да планираат како да се одмаздат.

Оширасама (Дух ротквица) е белиот, дебел гостин во јавната бања на Јубаба кој личи на сумо борач во форма на ротквица. Тој не е зол јоокаи, а добар дух кој дури ѝ помага на Чихиро. Неговото име Оширасама е исто така име на ками на земјоделието во јапонската шинтоистичка вера.

Духот ротквица се вози во лифт со протагонистката Чихиро. © Студио Гибли

Дали сте забележале некоја од овие интересни сличности? Дали можеби знаете за некоја друга сличност? Еве повод повторно или за прв пат да ги погледнете горенаведените филмови!

Јапонскиот фолклор е богат, извонредно оригинален и убав. Истото важи и за филмовите на Студио Гибли.

— — — — — — — — — — —

Извори:
Јапонската фондација, https://www.jpf.go.jp/e/project/culture/exhibit/traveling/yokai_parade.html
-Hyakumonogatari Kaidankai, https://hyakumonogatari.com/2010/08/18/the-washing-foot/
-Comic Caravan, https://comic-kingdom.jp/ghibli-shishigami/
-Цучигумо, https://en.wikipedia.org/wiki/Tsuchigumo

Оваа статија првично беше објавена на 2 јуни 2021 овде.

--

--

Eliza A.

Hi. My name is Eliza and I am an illustrator and storyteller. On this blog I talk about my work and Studio Ghibli. My other blog is tokiokinder.livejournal.com